Јанчев: Во вториот круг граѓаните треба да одлучат во чии раце ќе ја дадат општина Кавадарци
Кандидатот за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ за Кавадарци Митко Јанчев во писмено обраќање до јавноста искажува благодарност за освоени гласови во првиот изборен круг и им ја честита победата на градоначалниците кои победија во прв круг.
„ Во изминатиот период работевме напорно и бевме фокусирани на вчерашниот ден. Првиот круг од локалните избори помина со резултат кој не носи во втор круг во Кавадарци. Победата е наша, ни недостасуваше многу малку за да заокружевме уште во првиот круг. Пред се сакам да им се заблагодарам на сите граѓани кои излегоа да гласаат и го искористија своето право на глас. Сакам да се заблагодарам на Вас граѓаните, мои сограѓани, роднини и пријатели, кои ми ја дадовте целата поддршка. Голема благодарност и до членството на ВМРО- ДПМНЕ кое работеше напорно за да стигнеме до овие резултати. Вие сте свесни што му треба на Кавадарци и разумно можете да одличите за иднината на нашиот град. Моето дејствување за Кавадарци е поткрепено со дела кои траат до ден денес, мојата заложба за градот и граѓаните, уште пред мојата кандидатура, не може да биде заборавена и да се стави сенка на моето работење. Сум вложувал во Кавадарци и ќе продолжам без разлика на се, затоа што Кавадарци заслужува“ пишува Јанчев.
Тој нагласува дека на 29 ти октомври ќе треба повторно граѓаните да дадат поддршка и да одлучат во чии раце ќе ја дадат Кавадарци.
„Ова се избори за нас, за нашето Кавадарци. Избори во кои треба сами да одлучите за Вашата иднина. Иднината на Кавадарци е во Ваши раце, нека биде тоа разумна одлука. За убаво Кавадарци. Кавадарци на прво место“ вели Јанчев во писменото обраќање до јавноста.