Китев: Победуваме во вториот круг!
Кандидатот за градоначалник на СДСМ за Кавадарци, Бетиане Китев денеска се заблагодари за подршката која ја доби од кавадарчани во првиот изборен круг и е оптимист дека кавадарчани ќе го следат трендот во земјава и во вториот круг ќе изберат градоначалник од СДСМ.
„ Благодарност до сите граѓани кои го искористија вчера празникот на демократијата и се определија за промени. Сосема е јасно, после 11 години Македонија гласаше слободно на фер и коректни избори преку кои јасно се стави до знаење волјата на мнозинството граѓани во Македонија, а тоа е да направат промена на политиката која се водеше досега во локалните самоуправи. Тоа е неоспорен тренд кој ќе го финишираме и со победа во втор изборен круг во Кавадарци. Сосема е јасно и мојата концепција и она што ќе го правиме во следните 14 дена заедно со поддршка од владата, да ги убедиме сите наши сограѓани кои не го остварија своето избирачко право, дека трендот кој започна во Македонија, треба да се случи и во Кавадарци“ рече Китев и е убеден дека во тоа ќе се успее.
Жали што кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ не прифатил тв соочување и повторно Китев го повика Јанчев на тв дебата.
„ Тв дебатата е од клучно значење да се видат разликите помеѓу нашите програми и квалитетите на кандидатите. СДСМ прв пат после повеќе изборни циклуси оствари и мнозинство во советот. Тој позитивен тренд ќе го заокружиме и со избор на градоначалник од СДСМ. Само така ќе имаме покомотна релација во носењето на одлуки“ нагласи Китев./А.Д