„Фени“ не се затвора, доби нови сопственици!
Радосна вест пристигна од синдикатот. Комбинатот за производство на феро никел нема да се затвора. Проблемите се надминати и „Фени“ продолжува да работи со нови сопственици.
Оваа вест денеска во изјава за КТВ ја потврди претседателот на СИЕР Пеце Ристески. Тој нагласи дека на „Фени“ му претстои светла иднина и информира дека Сојузот на синдикати на Македонија и вицепремиерот за економски прашања Коцо Анѓушев денеска оствариле средба со новиот сопственик на Фени Индустри.
„Се работи за сериозна компанија која има долгорочни и сериозни планови со Фени, паѓаат во вода шпекулациите со наводното отпуштање на тие илјада вработени, бидејќи на Фени Индустри му претстои светла иднина“ рече Ристески.
На средбата во Фени Индустри трите страни денеска ја разгледале и стратегијата за работа на новите сопственици. Долгорочни и детални биле плановите за во иднина, а синдикатот најавува дека Фени Индустри има и стремежи кон нови индустриски предизвици. /А.Д