Родители од ООУ „Тоде Хаџи Тефов“ најавуваат бојкот на изборите – нивните деца малтретирани од ученик во социјален ризик
Учениците од прво В одделение во ООУ „Тоде Хаџи Тефов“ веќе два месеци се изложени на психичка и физичка тортура од свој соученик, три години постар од нив, се жалат родителите. Тие бараат помош за да ги заштитат своите деца кои биле тепани и психички малтретирани.
Сите проблеми најпрво биле пријавувани кај наставничката, а вчера се одржала средба помеѓу стручните служби и директорот. Но родителите не се задоволни од исходот и најавуваат блокада на гласачките места во недела.
Директорот на училиштето, Никола Нешковски во телефонски разговор ни рече дека немало никаков проблем, туку целиот случај имал политичка позадина. За него било нејасно зошто така реагирале родителите.
„Нема пријавено дека биле тепани деца. Сметам дека со овој случај некој сака да внесе политика во училиштето“, рече Нешковски.
Родителите објаснуваат дека ученикот од кој имаат проблем е дете згрижено во мал групен дом во Кавадарци каде се сместени деца кои доаѓаат од семејства во ризик. Тие се категорични дека немаат ништо против детето, но изненадени се што два месеци проблемот не бил решен од стручните служби во училиштето, да се социјализира проблематичниот ученик.
Се жалат дека секојдневно нивните деца се враќаат психички и физички малтретирани.
„Секојдневно децата се тепани, штипени, туркани, влечени. Им се оштетуваат учебниците. Моето дете беше турнато на земја од проблематичниот ученик. Потоа се качил врз него, но за среќа во тој момент поминало дете на наши познаници, исто ученик во училиштето и му помогнало на моето дете. Децата се исплашени, не сакаат да одат на училиште. Моето дете додека учевме стихотворба ме праша кога ќе го запишам да тренира карате за да може да се справи со неговиот насилен соученик“ ни раскажува еден од родителите чие дете било малтретирано.
Сите родители категорично отфрлаат вмешаност на политика во целиот случај. Единствено бараат заштита за нивните деца.
„Моето дете пред некој ден е удрено со клоца по гениталиите. Потоа главата му е удрена во ѕид и срамота е ништо да не превземат во училиштето. Детето ми е со модрици на главата. Се жали дека е секојдневно малтретирано . Јас морам секој ден да го носам на училиште. Заедно со него да се качувам во училница, бидејќи има страв дека повторно ќе биде натепан и малтретиран. Исто така проблематичниот ученик му ги оштетува учебниците и училишниот пример, но за сето тоа прогледувавме низ прсти“ објаснува друг родител.
Родителите веќе за овој проблем го известиле и министерството за образование и градоначалникот на Кавадарци, Александар Панов. Бараат брзо решавање на проблемот за доброто на сите ученици.
Неофицијално дознаваме дека за проблематичниот ученик е извршена категоризација од стручни служби и првичните резултати покажувале дека детето има психички проблеми.
Првиот човек на училиштето иако ни рече дека немало никаков вистински проблем, сепак им дал ветување на родителите дека за една недела ќе се реши проблемот, иако службите во училиштето имале два месеца период да го решат проблемот.
Родителите бараат ученикот да биде преместен во друго одделение или друго училиште, но директорот им рекол дека преместувањето во друго одделение е комплексна процедура.
Aнгел Данов