Митко Јанчев од денеска е нов градоначалник на Кавадарци
Градоначалничката функција во општина Кавадарци од денеска и официјално е во рацете на Митко Јанчев, кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ кој на гласањето во неделата освои мнозинство гласови. Претходниот градоначалник Александар Панов на Јанчев му посака успешна работа и соработка со советот.
„Атмосферата е позитивна, ако се земе во предвид дека Митко Јанчев е кандидат на ВМРО-ДПМЕ и кандидат со кој што заедно дејствувавме во оваа кампања и победивме. Сега со мирно срце и голем мерак ја предавам оваа функција на човекот во кој верувам многу, човекот кој беше мој надворешен соработник и на неколку пати се покажа како вистински мој избор кога беше изградбата на црквата на плоштадот, со неговата општествена одговорност, како стопанственик и претседател на регионалната стопанска комора“ рече Панов и нагласи дека општина Кавадарци ја остава во добра финансиска кондиција и според него таа е меѓу првите пет општини во земјава.
„ Идниот градоначалник ќе има обврска да ги плаќа само оние ситни доспеани побарувања и побарувањата кои ќе доспеат, а тоа се многу ситни пари. Така да ќе има релаксирана финансиска состојба и добри услови за идната комунална изградба и реализација на неговите проекти“ нагласи Панов и апелираше до советот во кој мнозинство има СДСМ, да не го опструрираат работењето на новиот градоначалник во интерес на сите граѓани.
Јанчев се заблагодари на сите граѓани кои му дадоа доверба на изборите и порача дека веќе од понеделник и официјално започнува неговото работење.
„Ова за мене е убав ден, убав свечен чин кога превземам одговорна функција дадена од граѓаните. Ќе работиме во интерес на граѓаните. Се надевам на соработка со сосветот, сплотени заедно како општина Кавадарци. Јас доволно ја познавам општина Кавадарци сум учествувал во многу општествени одговорни работи. Финансиската конструкција точно не ја знам, но ќе направиме финансиска ревизија и точно ќе ја знаеме состојбата“ рече новиот градоначалник на Кавадарци, Јанчев.
Мој општинар е проектот со кој ќе стартува мандатот на новиот градоначалник на Кавадарци.
„Ќе работиме на тој проект за да ги вклучиме граѓаните. Ќе направиме нова систематизација и ќе пуштиме луѓе на терен. Планот ни е од понеделник да започниме да рабоитме на повеќе проекти“ истакна Јанчев.
На примопредавањето на градоначалничката функција претходеше доделување на уверенијата на градоначалникот и новите советници од претседателот на ОИК Зоран Костов.
„Најголеми добитници од овие избори се граѓаните“ рече Костов и се заблагодари на целиот тим во општинската изборна комисија за успешно спроведените избори.
Носителите на советничките листи на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, д-р Виолета Димитрова и Горица Пеливанова Вилхелм во изјавите за медиумите нагласија дека ќе работат во интерес на сите граѓани.
Aнгел Данов