Вработените во Фени ги блокираа банките кои побараа стечај
Филијалите на Стопанска, Комерцијална и Силк банка во Кавадарци ,од утринава, се блокирани од вработените во Фени индустри. Како што најавија од синдикатот тие протестираат со цел да не замине нивната компанија во стечај.
Претседателот на синдикалната организаија Ѓоре Палитов побара разбирање од банките за тешката ситуација во која се наоѓа комбинатот и максимално да се вложат во изнаоѓање на решение.
“Фени” од почеток на своето постоење претрпел неколку вакви кризни моменти но никогаш не бил во ваква поволна ситуација, како што е сега, кога имаме неколку заинтересирани инвеститори, за што добро се информирани и нашите главни доверители т.е. банките, рече Палитов. Тој нагласи дека сега кога цената на никелот е 13.000 долари за тон за секој разумен човек не е прифатлив стечај.
„Затоа бараме и Владата на Република Македонија да се вклучи во целосното изнаоѓање на решение прифатливо за нас вработените, а тоа е да не одиме во стечај, да продолжиме со извршување на нашите работни задачи, да немаме прекин на работниот однос и цело време до моментот на продажбата да имаме статус на вработени во нашата компанија. Единствено што е важно за нас и значи живот за нас и нашите фамилии е да продолжиме со работа без прекин. Затоа сакаме уште еднаш да ги потенцираме нашите барања. Нашата компанија да не оди во стечај, да се исплаќаат нашите лични доходи во целост и за до моментот на продажба да имаме статус на вработени во нашата компанија, додаде Палитов.
Денеска со работниците се сретнаа градоначалникот Митко Јанчев и пратеникот Панчо Минов. Им дадоа подршка на работниците и посакаа побрзо надминување на проблемите.
Во моментов печката на комбинатот е на техничко одржување се додека не се изанајде решение и не биде најден сигурен инвеститор./ A.Д