Работниците на Фени си ги бараат двете плати – денеска повторно протестираа
Бидејќи до денеска на пладне не им беа исплатени двете заостанати плати, вработените во Фени индустри денеска излегоа на протест. Го блокираа патот Градско – Прилеп.
Претседателот на синдикалната организација, Ѓоре Палитов рече протестите на вработените ќе продолжат се до исполнување на нивните барања.
„Бараме да почнеме да работиме, без разлика кој би бил инвеститор. И нормално, да ни се дадат двете заостанати плати, нагласи тој.
На денешниот протест беа и транспортерите кои превезувале руда за Фени. И на нив не им биле исплатени надоместоците за транспорт од месец март.
„И ние посакуваме што поскоро да дојде инвеститор да не исплати и да почнеме да работиме. Се плашиме да не останеме без пари, рече Душко Пауновски.
Претседателот на транспортерите кои ги имало околу двеста со шеесетина камиони, Трајче Пејовски нагласи дека ќе ги бараат своите пари од банките кои како доверители побарале стечај.
-За еден месец имаме загуба од сто илјади евра. Банките си сметаат камати а ние чекаме додека камионите ни лежат, соопшти тој, информирајќи дека побаруваат околу четири милиони евра.
Транспортерите најавија дека од следниот протест ќе ги има во поголем број.
Протестот започна во 12 и траеше до 14 часот. Се пропуштаа само итните случаи.
На 29 минатиот месец Велешкиот суд одлучи да биде отворена стечајна постапка за фабриката а преку која трите најголеми доверители банките излегоа со најава дека ќе пронајдат заинтересиран инвеститор кој ќе ги превземе сите обврски и исплаата на плата на вработените.
Меѓу работниците има поделени мислења околу денешниoт штрајк и додека едни веруваат дека ова е најдоброто решение ,други пак сметаат дека малку се брза со оглед на тоа дека поминале само 5 дена од влeгување на комбинатот во стечај. Дел од работниците кои платиле за дрва за огрев преку синдикалната отрганизaција сега ги чекаат парите да им бидат вратени за кои што добиле и ветување од раководството на фабриката./A.Д