Submit to FacebookSubmit to Google PlusSubmit to TwitterSubmit to LinkedIn

Во родното село Ваташа, во неговата родна куќа се одбележаа 75 години од убиството на народниот херој Страшо Пинџур. Пред спомен бистата цвеќе положија градоначалникот на општина Кавадарци, Митко Јанчев, советници во кавадаречкиот совет, претставници на здружението на борци и претставници на инстутуции и политички партии.


Се читаа извадоци од дневникот на Страшо, а историчарот и директор на музеј галерија Кавадарци, Петре Камчевски говореше за животот и делото на Страшо Пинџур.


„Страшо Пинџур е роден како Страхил Пинџур во кавадаречкото село Ваташа на 3 март 1915 година. По смртта на татко му, кој загинал во почетокот на Првата светска војна, во борбите кај Криволак, мајка му се премажила во Неготино, а грижата за него ја презела баба му Наца. Основното училиште го завршил во Ваташа, а нижа гимназија во Кавадарци. Потоа, образованието го продолжил во Крагуевац, а во Белград студирал право. Во Белград се вклучил во револуционерното движење и во 1934 година се зачленил во КПЈ. Како напреден студент, активно се вклучува во друштовото на напредните македонски студенти „Вардар“, а стануваж и член на Акциониот студентски одбор. Во текот на 1938 г. се обидува да се префрли во Шпанија и да се бори заедно со Интернационалните бригади. Тој доаѓа до Прага, но не успева да фати врска и да се враќа во Белград, поради неговата активност бил привиден во полицијата во мај 1938 и спроведен во Истражниот затвор во Ада Циганлија“ рече Камчевски.


Во летото 1939 г. во Кавадарци, по иницијатива на Страшо , заедно со Ристо Михов и Ѓошо Бојаџиев, ја обновуваат работата на Комунистичката партија. По завршувањето на Правниот факултет неговата активност како револуционер уште повеќе се зголемува. Бил будно следен од полицијата и повторно е уапсен во истиот затвор. Пред самата окупација, Страшо бил пуштен на слобода.
По окупацијата на Македонија, Страшо Пинџур станал член на Покраинскиот комитет како инструктор, а од јуни 1942 г. бил член на Главниот штаб на НОВ и ПОМ.


Есента 1942 бил разбиен Велешкиот партизански одред „Димитар Влахов“. Страшо Пинџур, заедно со Мирче Ацев, дошол во Велес да ја консолидираат работата на партиската организацијата. На 19 декември 1942 г., тие биле провалени во куќата на Јован Митрев и биле спроведени во Обласната полициска управа во Скопје. Потоа, двајцата биле подложени на невидени инквизициони мерки со цел да ги извлечат бараните информации од нив. Мирче не проговорил ниту збор, а Страшо извикал: „Ѕверови! Јас сум Страшо Пинџур! Доста е тоа за вас!“.


„На 4 јануари 1943 г., во просториите на Скопскиот областен затвор, како последица на силните измачувања, умрел Страшо Пинџур. Истата вечер, неговото тело било однесено во непознат правец и закопано на тајно место, така што до ден-денес не се знае неговиот гроб. На тој начин се остварило претскажувањето од неговиот дневник, кој го водел во 1933 г., каде тој запишал: „Јас ќе умрам млад, а гробот нема да ми се знае“. - нагласи Камчевски.


За неговата активност во организирањето на македонскиот народ за борба против фашистичкиот окупатор, како и за неговото храбро и достоинствено движење во затворот, Страшо бил прогласен за еден од првите народни херои во Македонија. Во родното село Ваташа е зачувана спомен-куќата на Страшо Пинџур, во која, во 1976 г. е поставена постојана изложба на експонати поврзани со неговиот живот. Куќата била реновирана во 2012 година./A.Д

Поврзани вести

 

Најново