Општината со апел до кавадарчани, да бидат поодговорни кон животната средина
Честа е појавата во Кавадарци пепелта од шпоретите на тврдо гориво да се исфрла во контејнерите за отпад, а притоа жарот да го запали контејнерот. На овој начин доаѓа до дополнително загадување на воздухот кој го дишат граѓаните, а кој речиси секојдневно е контаминиран со ПМ10 честички над дозволеното.
Поради ваквата појава во изминатиот период ЈП Комуналец постави канти за пепел во кои е потребно да се исфрла пепелта. Денеска и градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев упати апел до кавадарчани да бидат максимално одговорни кон животната средина и да ја почитуваат препораката за исфрлање на пепелта исклучиво во контејнерите за таа намена.
„ Апелирам до Вас граѓаните да ја кренеме свеста за хигиена на повисоко ниво, да се вклучиме сите заедно во создавање на чисто и убаво Кавадарци. Голем апел упатувам до Вас граѓаните во врска со намерното или ненамерното палење на контејнери кое предизвикува дополнително загадување. До сите контејнери се поставени канти за пепел и треба да се користат за да не дојде до палење на контејнерите кое, како што реков предизвикува дополнително загадување – се вели во апелот од градоначалникот на општина Кавадарци, Митко Јанчев.
Во изминатите месеци ЈП Комуналец во соработка со „Мој општинар„ како и големиот број донации од локални фирми кои ги дадоа своите машини на располагање низ целиот град имаше голема акција “За чисто и убаво Кавадарци“. Оваа акција ќе продолжи и во иднина се со цел Кавадарци да стане убаво и чисто место за живеење велат од општина Кавадарци.
Во насока на ублажување на последиците од загадениот амбиентален воздух деновиве во детската градинка „Рада Поцева“ беа донирани 33 прочистувачи на воздух за секоја занимална.
„ Сите овие акции и донации се залудни, доколку ние граѓаните останеме несовесни и за кратко време исчистениот простор повторно го претвараме во депонија“ велат од општината./A.Д