Екологистите и градоначалникот на Кавадарци со различни гледања околу сечењето на дрва во паркот
Екологистите од невладината организација „Еко живот“ од Кавадарци денеска реагираа поради сечењето на дрвја со градскиот парк во Кавадарци. Сметаат дека е прекршен законот за животна средина и некој сака да им го одземе правото на кислород на кавадарчани.
„Најлесен начин урбаните криминалци да дојдат до градежно место е ако се исечат некои дрва, ако се уништи некое паркче и ако се пренамени локацијата во ГУП од парк во урбана парцела!!!! Во Кавадарци имаме прекршок на законот за Животна средина кој е јасен: Од вкупната градска површина 20-25%минимум зеленило, а во новиот ГУП кој се спрема има 10% и се предвидува Г1 индустрија (цинкара и …слично). Значи новиот проектант на ГУП во Кавадарци сака да немаме кислород воопшто за дишење и сака да ни ги исече и тие малкуте дрвца што останаа“ реагираат од „Еко живот“ и бараат од градоначалникот и советниците на град Кавадарци доколку имаат свое мислњењ да донесат мораториум за сечење дрва од градското зеленило.
На обвинувањата од Еко живот реагираа од кабинетот на градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев. Од таму велат дека изнесените обвинувања од еколошкото друштво биле невистинити и неаргументирани.
„ Нивните информации се невистинити, новиот ГУП се проектира исклучиво по основ на сите закони и регулативи на Република Македонија. Градоначалникот Митко Јанчев во изминатите 3 месеци, напорно работи и покажа и дека во иднина екологијата и хигиената на Општина Кавадарци ќе бидат приоритетни во неговата работа. Со ваквите невистинити информации Еко живот само се обидува да добие популизам – се вели во реакцијата од кабинетот на градоначалникот Митко Јанчев.
Од градоначалничкиот кабинет додаваат дека дрвата се исечени поради безбедносни причини бидејќи истите биле стари шеесетина години./А.Д