Бугарски „Минстрој Холдинг“ подготвен да ги исплати во целост банките доверители во Фени
Минстрој Холдинг АД, даде официјална понуда за 100% исплата на побарувањата на Комерцијална и Стопанска Банка на ден, која што вклучува исплата на главница, гаранции, камати, пенали и останати трошоци како и покривање на трошоците на стечајната постапка – информираа денеска преку соопштение до јавноста од Македонско – Бугарската стопанска комора.
Во соопштението понатаму се нагласува дека Бугарската компанија Минстрој Холдинг АД, членка на Македонско-Бугарската комора има остварено средби со банките доверители во Фени,синдикатот на транспортерите и сите други засегнати страни за спасот на Фени.
„За сериозноста на нашата понуда понудена е гаранција од првокласна банка и даден е депозит кој стои во банка во Р.Македонија и чека на одлука од банките како главни доверители, да им биде префрлен на нивна сметка. Покрај исплатата на сите доверители Минстрој Холдинг АД достави понуда до Владата и Банките дека во наредните две години ќе вложи инвестиции од 30 милиони евра за санација на двете електро печки и останатата опрема. Исто така остануваме на официјалната понуда кон останатите доверители за исплата на побарувањата утврдени во стечајната постапка во висина од 100%.“ се вели во соопштението и се додава дека Минстрој Холдинг АД е докажана и реномирана компанија во македонската економија преку инвестиција во висина од преку 30 милиони евра во компанијата БУЛМАК 2016 ДООЕЛ Пробиштип во рудниците Тораница и Злетово.
Минстрој Холдинг АД вработува преку 4.500 вработени и инвестирано повеќе од 300 милиони евра во различни проекти и цврсто останува на дадената понуда за Фени. Од оваа компанија замолуваат да прекинат сите шпекулации во јавноста кои се поврзани со неа.
A.Д