Submit to FacebookSubmit to Google PlusSubmit to TwitterSubmit to LinkedIn

Кавадаречкиот совет денеска во рамки на деветата седница ги усвои кварталниот извештај за извршувањето на општинскиот буџет, годишната завршна сметка на општината, училиштата, градинката, библиотеката „Феткин“, музеј галерија и домот на културата.

Раководителот на секторот за финансии, Цанка Јовановска даде обрзложение на финансиските документи и нагласи дека се бележи извршување на буџетот за минатата година од 76%. Нагласи дека највисока наплата се бележи кај данокот на имот од 96%, и дека има 7 милиони денари помалку расходи од приходите.

„Општина Кавадарци не спаѓа во редот на задолжени општини и  е во солидна финансиска кондиција“ рече Јовановска.

Советниците од СДСМ со забелешка дека финансиските документи покажувале лошо работење на претходниот градоначалник.

„Целокупната одговорност како се движеше градот во минатите 8 години е на терет на претходниот градоначалник и ВМРО-ДПМНЕ. Колегите од ВМРО-ДПМНЕ еднаш подржуваа одлуки предложени од претходниот градоначалник, сега се против истите“ рече советникот Лазар Туриманоџов.

Тој нагласи дека е против предлогот за распишување на застарени долгови кои општината ги има како побарувања од правни субјекти,  кои користеле објекти на општината под закуп, со образоложение дека сите тие кои не плаќале,  биле газди и не би требало да не си ги платат обврските. Обвини дека тие објекти од луѓето кои должеле се издавале на трети лица под закуп, за што должниците инкасирале пари.

На дискусијата на Туриманџов реплицираше координаторот на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Јованчев. Тој порача да не се замајувала јавноста во моменти кога се носеле крупни одлуки на штета на граѓаните со неважни работи.

„Знаете добро што ви кажа народот во 2016 и 2017 година на изборите. Народот цени се` ја цени и сегашната ваша кафанска политика“ рече Јованчев.

Градоначалникот Митко Јанчев нагласи дека со завршните сметки кај сите правнио субјекти се појавува отпис на застарени побарувања, но дополнително службите да разгледаат дали има намерна злоупотреба.

Се постигна согласност, да бидат распишани само застарените побарувања што ги има општината по основ на фирмарина од правни субјекти кои се веќе ликвидирани, а долговите на закупците на објекти на општината да бидат утужени.

Советничката Божанка Минова во својата дискусија забележа дека изостанувале капиталните проекти во минатата година, нова градинка, пазар и паркинг.

Советот ги разгледа и годишните сметки на основните и средните училишта во општина Кавадарци. Од советничката група на СДСМ беше најавено дека ќе гласаат против завршните сметки на ООУ „Тошо Велков Пепето“ и „Страшо Пинџур“, а од ВМРО-ДПМНЕ беше најавена подршка за сите сметки.

„ООУ „Страшо Пинџур“ е меѓу ретките кои купиле мешалка за бетон. Како училишниот одбор дозволил да помине ваков финансиски извештај“ праша координаторот на советничката група на СДСМ, Туриманџов.

Тој нагласи дека е потребна одговорност доколку некој работел незаконски и порача политиката да крене раце од училиштата, а наставниците да работат единствено на образование на учениците.

„Ќе ги подржиме сите завршни сметки. Нека влезе ревизија во училиштата и нека си одговара секој што го прекршил законот“ рече советникот Зоран Јованчев од ВМРО-ДПМНЕ нагласувајќи дека претходната локална власт практицирана од неговата партија ги реконструирала сите училишта во општината, а се осврна и на другите проекти во образованието.

Реплицираше советникот Ташо Радњански. Тој констатира дека образованието ни било нула. 
„На светско ниво сме последни. Неможам да речам дека  немаше инфраструктурно уредување, но депласирано е да се фалите со Кембриџ. Тоа беше неуспешна реформа“ забележа Радњански.

Едногласно советот ги усвои годишните сметки на сите училишта освен на „Тошо Велков Пепето“ и „Страшо Пинџур“. За нивните завршни сметки 9 советници гласаа „За“, а 8 беа „против“.

Ангел Данов

Поврзани вести

 

Најново