Кавадарци добива нов кружен тек
Со поставување на рабници се оформи новиот кружен тек во Кавадарци, што неодамна започна да се гради, како решение за поголема безбедност во сообраќајот.
Од општинската прес служба информираа дека деновиве се поставуваа рабници и покрај коловозните ленти на раскрсницата на улицата „Блажо Алексов“ со Булеварот „Видое Смилевски“ , каде ќе биде изграден новиот кружен тек, трет во Кавадарци.
„После ова ќе следат завршните работи од изградбата на ова современо сообраќајно решение со асвалтирање на коловозните ленти и хортикултурно уредување. Од изградбата на овој кружен тек општината очекува создавање услови за побрз проток, како и зголемена безбедност во одвивањето на сообраќајот во овој фрекфентен дел од градот кој претставува влез во Кавадарци од источната страна од правецот на Неготино и автопатот Е- 75“ информираат од општината.
Исто така деновиве градежната механизација изврши пробивање на крак од улицата „Галишка“ до спојот со „Западен булевар“ на кривината кај градските гробишта.
Општината се реши на овој чекор на барање од жителите кои и досега ја користеа оваа земјена делница од улицата, која не беше пробиена согласно градежните стандарди. Таа беше тесно грло кое граѓаните масовно го користеа скратувајќи го патот до своите домови.
Во оваа фаза од проектот општината им обезбеди поширока и израмнета улица./А.Д