Пазарот во Кавадарци со ново работно време
Наместо три, во Кавадарци шест дена во неделата ќе работи градскиот зелен пазар.
На последната седница на кавадаречкиот совет градоначалникот Митко Јанчев даде образложение на оваа новина, која ќе започне да се применува од 8 мај годинава. Како што одлучи советот, работното време на пазарот ќе биде од 06 до 16 часот, секој ден, освен понеделник.
„Наша иницијатива е пазарот да работи шест дена во неделата. Имаме земјоделци кои имаат готов производ и неможат да чекаат среда, петок и недела за да го продадат произведеното. И цената за тезгите нема драстично да се зголеми. Според првичните анализи ќе има зголемување од 10-15%“ рече градоначалникот Митко Јанчев во своето обраќање пред советниците.
Советот на Општина Кавадарци ја усвои и одлуката со која се воведува и нов ценовник според кој продавачите ќе плаќаат за користење на тезгите под закуп. Градскиот зелен пазар е во надлежност на Јавното претпријатие „Комуналец“ Кавадарци кое ќе треба да го спроведе новиот режим на работа. Општината со воведувањето на новиот режим за работа очекува порационална искористеност на градскиот пазар пред се во функција на граѓаните кои традиционално свежите земјоделски производи ги купуваат од зелениот пазар. / A.Д