Kaвадарци до владата достави студија за решавање на вишокот на винско грозје
Изградбата на дестилерија е вистинско решение за вишокот на грозје е заклучокот во физибилити студијата што ја изготвија екпсерти по барање на градоначалникот Митко Јанчев. Студијата е доставена до надлежните државни институции и ќе се чека нивна реакција за имплементација на препораките на стучњаците.
Со ова практично се реализира предизборното ветување на градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев околу решавање на проблемот со вишокот на грозје.
Денеска тој информира дека е изготвена физибилити студијата од експерти во областа лозарство и винарство и истата е доставена до премиерот Заев, министерот за земјоделство и до советникот за земјоделство Ленче Николовска.
Во студијата, која градоначалникот ја презентираше на брифинг со новинарите, се содржани анализи за родот на грозје не само во Кавадарци, туку во цела Тиквешија и Македонија. Исто така анализирани се годините кога е евидентиран вишок на винско грозје. Во студијата се нагласува дека единствено квалитетно решение за проблемот со вишок на грозје кој се јавува одредени години е можно само со изградба на дестилерија.
„Во изработката на студијата учествуваа стручни лица од повеќе области, енолози, технолози, агрономи. Целата студија е со релевантни податоци и нуди адекватно решение на вишокот на грозје“ рече градоначалникот Јанчев.
Стручњаците утврдиле дека за да се изгради ваков преработувачки капацитет во рамки на постоечка винарија ќе бидат потребни два милиони евра, а веќе интерес од најголемата винарија и постоел. Доколку пак е потребно да се гради целосно нов објект кој ќе го складира и преработува грозјето во дестилат тогаш би биле потребни 20 милиони евра.
Јанчев е оптимист дека ваквата студија сериозно ќе биде разгледана и прифатена од владата како би се решил проблемот со кој се соочуваат лозарите во поедини години кога родот е над очекувањата.
Ангел Данов