Успешно спроведен проект за помош на стари, изнемоштени и инвалидизирани лица
Заврши уште еден циклус од шест месеци од проектот за општо корисна работа – грижа на стари, изнемоштени, инвалидизирани и лица со оштетен вид. Беа ангажирани 12 невработени лица за месечен надомест од 8268 денари.
Ангажираните лица имаа скратено работно време од 20 часа неделно, а нивни работни обврски беа да набават и достават лекови, храна и други намирници, плаќање на сметки и заедничко дружење со лицата кои побараа таква помош од општината и беа вклучени во проектот.
Денеска градоначалникот Митко Јанчев им додели потврди за успешно спроведени работни обврски на лицата кои пружеа помош и оцени дека проектот е огромно значење за да им се помогне на лицата кои не се во можност да ги извршат основните обврски.
Бидејќи се покажа како мошне корисен, градоначалникот најави дека проектот ќе продолжи и во наредниот период.
Јанчев денеска исто така информира дека за полесно секојдневие на лицата со физички хендикеп општината ќе набави специјализирано возило за превоз на овие лица. Возилото ќе биде набавено со помош на германската амбасада, а 24 часа ќе биде достапно за инвалидизираните лица.
„Ова возило постојано ќе им биде достапно на овие лица за транспорт до болница или било каде има потреба“ рече Јанчев.
Со програмата беа опслужени 48 крајни корисници, стари, изнемоштени, инвалидизирани лица и лица со оштетен вид, односно секој неговател опслужуваше четири крајни корисници. Лицата кои беа ангажирани како негователи претходно посетуваа обука во организација на УНДП за негователи од акредитирана институција од каде добија и сертификати.
Од општината нагласуваат дека со имплементацијата на овој проект во однос на социјалната заштита се зацврсти позицијата на општината како општествено одговорна заедница. Исто така постигнато е намалување на чувството на осаменост кај 48 стари и изнемоштени лица, а се охрабрија и мотивираа невработените лица од ранливите категории кои потешко се вклучуваат на пазарот на трудот./A.Д