Лозарите бараат повисока цена за грозјето
15 денари за килограм вранец и 13 за смедервка бараат лозарите за годинашниот откуп на винско грозје. Тие се децидни дека ова се цени со кои ги покриваат само производните тошоци.
Претставниците на лозарите од здружението „Напредни лозари“ кои се вклучени во разговорите со визбите бараат откупувачите на грозје годинава да покажат и банкарски гаранции за да докажат дека се сериозен партнер за откуп на грозјето, а купениот род ќе го платат во најкус рок.
Претседателот на „Напредни лозари“, Трајче Кулев е оптимист дека преговорите ќе бидат успешни и дека после многу години ќе се случи зголемување на цената на винското грозје.
„ Имавме неколку средби со претставници од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на оваа тема, кои пак, околу откупот на грозје имаат разговарано и со винарите, кои се уште тактизираат. Очекуваме заедничка средба со претставници на винарските визби со медијаторство на Министерството, за да преговараме околу годинешните цени на винско грозје“ рече Кулев./A.Д