Познати првите 36 стипендисти на Фондацијата “Никола Јанчев“ во Кавадарци
Комисија составена од стручни лица ги разгледа сите пристигнати апликации, со краен рок петок 6 јули и според востановените критериуми ги определи добитниците на 36 ученички и студентски стипендии. Станува збор за стипендии за 12 ученици од основно во висина од 6 илјади денари, за 12 ученици од средно во висина од 12 илјади денари како и за 12 студенти во висина од 32 илјади денари. На свеченост што денеска се одржа во компанијата стипендиите им беа доделени на првите добитници.
– Оваа фондација е основана со почетен буџет од 10 000 евра. Директор на фондацијата е управителката на Кожувчанка, Јанинка Чупаркоска. Дополнително секој месец буџетот на фондацијата ќе се зголемува со градоначалничката плата на г-дин Митко Јанчев. Тој уште во предизборната кампања најави дека доколку стане Градоначалник ќе ги донира месечните примања. Ветеното сега е исполнето. Фондацијата и во иднина ќе организира активности преку кои ќе се собираат средства за ранливите категории, за талентираните ученици и за граѓани на Општина Кавадарци на кои им е потребна помош, рече Чупаровска.
Фондацијата го носи името на покојниот татко на актуелниот Градоначалник на Кавадарци. Таа е основана годинава, на 14 февруари од неговиот син Митко Јанчев кој по смртта на татко му ја превзеде и успешно ја води компанијата Кожувчанка, познат поддржувач и донатор на физички лица, институции и настани во Кавадарци и во државата.
Денеска Градоначалникот Јанчев за својата хуманост рече дека е виновен токму неговиот татко Никола кој од мали нозе го воспитувал да помага на заедницата и на луѓето на кои им е потребна помош. Тој го научил дека хуманоста е доблест. Иако многу млад останал без родителската грижа и поддршка Митко Јанчев сам го најде вистинскиот пат и успешно го одржува развојниот правец на компанијата при тоа не заборавајќи на аманетот на татка си , секогаш да им помага на оние на кои им е потребна помош.