Ќе се унифицираат такси возилата во Кавадарци
Сите такси компании од Кавадарци ќе треба до крајот на август годинава да ги префарбаат своите такси возила и да ги направат унифицирани, по теркот што го понуди општината. Oва меѓу другото е договорено на состанокот што градоначалникот Митко Јанчев, командирот на кавадаречката полиција и општинските служби го имаа попладнево со такси превозниците.
Како што информираат од кабинетот на Јанчев, се разговарало на повеќе теми, меѓу кои и унифицирањето на такси возилата, паркинг места за такси возила и решавање на проблемот со така наречените диви таксисти.
Од состанокот произлегле и заклучоци дека до крајот на оваа недела ќе се обележат сите паркинг места за такси возила и ќе се постават знаци на местата каде недостасуваат. Обележаните места за овие возила ќе бидат слободни и секогаш ќе се користат исклучиво за такси превозниците, се со цел да се воспостави ред, ќе се вклучи и кавадаречката полиција со засилени контроли.
За да се реши проблемот со „дивите“ таксисти, локалната самоуправа и полицијата апелираат до граѓаните и такси превозниците кои регуларно вршат превоз на патници, да ги пријават нелегитимните превозници на бројот 192./ А.Д