Кавадарци, Градско и Чашка ќе градат стратегија за помош на лицата со инвалидност
Општините Кавадарци, Градско и Чашка во наредниот период ќе работат на изготвување на стратегија за лицата со инвалидност. Овие општини се дел од проектот на Здружението на лица со церебрална парализа од Велес, кој ќе се реализира во следните девет месеци.
„ Овој проект има за цел да изгради локални акциони планови за лицата со хендикеп. На тој начин овој документ треба да стане стратешки документ на овие три општини. По предлог на градоначалниците ќе биде доставен до советите и истиот треба советниците да го изгласаат позитивно и понатаму да биде стратегија по која општините ќе работат во интерес на лицата со попреченост. За времетраењето на проектот ќе се реализираат по три работилници во секоја општина. Работилниците ќе бидат насочени кон градење на таа стратегија. Работните групи ќе бидат составени од лица со попреченост, нивни родители, претставници од институции, бизнис сектор, медиуми“ рече Далиборка Златева, од Здружението на лица со церебрална парализа и нагласи дека стратегиите кои ќе се изготват ќе бидат алатка како од општинските буџети да се извлечат средства за да се направат подобри услуги за лицата со попреченост , со што ќе им се помогне да бидат повеќе опфатени во општеството.
Градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев на денешната работилница ја нагласи силната поддршка од општината и нагласи дека по идентификувањето на потребите ќе се работи на подобрување на условите за живот на лицата со попреченост.
„Општина Кавадарци со задоволство се вклучува во проектот за изработка на акционен план за лица со инвалидност. Во рамки на нашите можности ќе излеземе во пресрет на овие лица, со цел да го направиме општеството еднакво достапно за сите. Ќе ги идентификуваме проблемите и целите. Лицата со инвалидност директно ќе бидат вклучени во креирањето на овој план и на тој начин најреално ќе се лоцираат сите потреби. Општина Кавадарци досега немаше акционен план но, индиректно учествувала во проекти за лица со инвалидност“ рече Јанчев и најави дека од наредната недела ќе биде ставено во функција специјализирано комбе со рампа за лицата со посебни потреби, кое 15 часа ќе им биде на располагање да ги превезува согласно нивните индивидуални потреби. Возилото било набавно со грант од Германската амбасада. /A.Д