Лозарите се подготвуваат за протести
Лозарите ќе блокираат магистрални и регионални патишта во земјава. На овој начин тие ќе го изразат револтот од игнорантскиот однос на винарските визби поради не прифаќањето на нивното барање за повисока цена на грозјето од 20 отсто.
Од регионалното здружение „Напредни лозари“ утринава упатија јавен повик до сите лозаро производители кои сакаат да дадат поддршка на најавите за протест, вечерва да дојдат на собир на градскиот плоштад и да се утврди терминот кога ќе започнат протестите.
„Револтирани сме од неисполнетите ветувања од владата и игнорантскиот однос на винарските визби. Досега бевме мирни, но одсега ќе го покажеме нашиот револт, бидејќи со цени од 11 и 13 денари за вранецот сме во голема загуба. Само ние знаеме колку беше тешко и скапо да произведиме грозје во оваа лоша година. Визбите мора да го прифатат нашето барање да дадат повисока цена“ рече претседателот на „Напредни лозари“, Трајче Кулев.
Тој беше дециден, дека доколку нема масовна поддршка за протест ќе си даде оставка и нема во иднина да ги застапува интересите на лозарите. Кулев потсети дека голем е бројот на лозарите кои сеуште се соочуваат со неисплатено грозје од „Стефани винарија“ и „Повардарие“./ А.Д