55 години од рушењето на ридот „Градот“ кај Кавадарци
Пред 55 години, на денешен ден, 5 ти септември, се случи трагедијата во Моклиште, кога се сруши ридот „Градот“. Историчарот Петре Камчевски вели дека големата трагедија во која загинале 11 работиници од земјоделски задруги во Ваташа, Дреново и Возарци и еден жител на селото Долна Бошава, била резултат на големо тектонско поместување на земјата.
Во несреќата која се случила на 5 септември 1956 година во ранитите утрински часови биле затрупани и околу 1500 до 2000 овци и неколку грла крупен добиток. Веднаш по несреќата била формирана комисија од Државниот секретаријат за внатрешни работи. Таа до доцна вечерта испитувала како дошло до несреќата. Во соопштението кое го доставил, укажала дека несреќата се случила од природни причини.
„Во несреќата имало и неколку повредени, меѓу нив Магда Димова и Лазо Атанасов, кои заедно со нивните деца се враќале од Крњево за Кавадарци. Според раскажувањето на Магда, кај месноста Моклишки колиби земјата започнала да пука толку силно како да се пукало од топови. Тоа траело околу 10 минути, при што таа со децата била носена од земјата која се движела неколку десетици метри. Брат и Лазо успеал некако да и го земе детето, при што го спасил од сигурна смрт. Братот и чичкото на Магда цели два часа со голи раце ја откопувале кутрата жена, објаснува Камчевски и додава дека во групата од девет лица што се движела кон Кавадарци биле и Ристо Камчев од Долна Бошава со неговата ќерка и Никола Павлов.
„Ристо сакал да ја извлече својата мазга која била затрупана од земјата, одеднаш го проголтала лавина од земја и било невозможно да се спаси. За затрупаните овчари, ветеринарниот техничар М. Димитров и Ѓошо Бојаџиев, Никола Павлов раскажува дека можеле да куртулат ако оделе дваесетина метри погоре од местото на одронот. Повредените биле пренесени во градската болница во Кавадарци, рече Камчевски./A.Д