Кавадарци отвори туристичко – информативно биро
Од денеска и официјално сите гости на Кавадарци имаат место каде можат да ги добијат потребните информации за пријатен претстој во градот на грозјето и виното. Општината го отвори ова биро со цел туристите полесно да ги запознаат сите богатства и убавини кои ги има градот и Тиквешијата.
Градоначалникот на општина Кавадарци, Митко Јанчев кој официјално денеска го пушти во работа туристичко- информативното биро нагласи дека општината подготвува и програма во која ќе биде вклучена целата туристичка понуда на градот и општината.
Со ова Кавадарци добива биро за туристите, но и за привлекување на туристи. Со ова Кавадарци ќе ја промовира својата историја но и винските патишта. До сeга немавме увид дали во Кавадарци има туристи кои доаѓаат и оние кои сакаат да не посетат. Кавадарци е најголем вински регион. Производството на грозје и вино ќе ни биде главен таргет. Исто така црквите и манастирите, Моклиште , Витачео и Кожув планина ќе бидат дел од понудата“ рече Јанчев.
Крсте Соколов, вработен во бирото е задолжен да ги споделува сите потребни информации со туристите. Тој во изјавата за медиумите рече дека ќе се работи и на интензивно привлекување на туристи во Кавадарци и Тиквешијата.
Соколов информира дека денеска во Кавадарци пристигнале и првите туристи за кои официјално се знае. Рече дека станува збор за луѓе од Австрија кои на изложбата на олд тајмери во рамки на гроздоберот ќе настапеле со уникатен модел на БМВ.
„Веќе на големо се работи на програма за привлекување на туристи за да покажеме што се има Тиквешијата. Самата Тиквешија заслужува еден ваков центар каде гостите ќе имаат можност директно да се запознаат со убавините на регионот – рече Соколов.
Просторот каде што е сместено туристичко – информативното биро, во центарот на градот општината го доби бесплатно, а изградбата на истото е донација од компанијата „Дан-пласт“. Бирото ќе работи секој работен ден од 8.30 до 16.30 и во сабота до 15 часот./А.Д