Министерот Николовски најави државна поддршка за младите сточари
По 10 илјади евра ќе добијат младите невработени сточари, како дел од новата државна мерка за зголемување на сточниот фонд во земјава што денеска од Кавадарци ја соопшти министерот за земјоделство, Љупчо Николовски.
Тој нагласи дека новиот повик за грантови е објавен денеска, а е повик на Платежната Агенција за поддршка преку програмата за рурален развој.
„ Оваа мерка за поддршка на младите земјоделци годинава е со изменети нови критериуми, преку кои сакаме да дојдеме до вистинските млади луѓе кои сакаат да се занимаваат со оваа дејност. Минатата година потпишавме 424 договори за поддршка на младите земјоделци од 10 илјади евра. Оваа година, од денес во следните 30 денови трае рокот за аплицирање за поддршка со исто така неповратни 10 илјади евра. Можат да ги добијат млади луѓе кои се невработени повеќе од 2 години и кои сакаат да започнат да се занимаваат со земјоделство. Согласно критериумите кои денес ги објавуваме, се фокусираме на точно предвидените категории на млади луѓе кои ќе ги поддржиме, рече Николовски и нагласи дека предност ќе имаат невработените лица кои сакаат да инвестираат во сточарството.
Дополнително, согласно критериумите кои денес се објавени исто така предност ќе имаат кандидатите кои се занимаваат со органско производство, членови на земјоделска задруга и кои применуваат нови технологии за добра земјоделска пракса.
На овој начин, рече министерот, со поддршка од Владата, очекуваме голем број на апликации од младите.
„Кавадарци е една од општините која исто така користи европски средства, досега се искористени околу 4 милиони евра средства за земјоделство, за училишта, инфарструктура а и други активности во делот на локалните работи. Затоа овој евроинтеграциски процес кон кој чекори Македонија е многу битен за младите луѓе да останат тука, затоа и ја даваме оваа нова дополнителна поддршка. Но и голема поддршка од ЕУ следи, преку оваа мерка која се кредитира преку нашето Министерство, но и преку отворање на нови структурни фондови со самиот почеток на преговарање со ЕУ. Затоа членството во НАТО и преговорите со ЕУ се особено значајни за секторот земјоделство на кој ќе се базира во иднина нашата македонска економија“ рече Николовски, кој заедно со директорот на државниот инспекторат за земјоделство посетија откупен пункт за грозје и се информираа за текот на откупот./А.Д