НE за изградба на цинкара во Кавадарци– екологистите го креваат гласот
Екологистите од Кавадарци го кренаа гласот. Се противат на идејата да се гради цинкара во Кавадарци. Од „Еко живот“ најавија петиција против изградба на цинкара во непосредна близина на градот. Сметаат дека на тој начин ќе се загрози земјоделското производство, пред се производството на грозје, но најмногу на удар ќе биде здравјето на граѓаните.
„Најпрво ќе собираме потписи, а потоа и со сите законски дозволени можности ќе се бориме против загадувачка индустрија“ вели претседателот на еколошкото друштво „Еко живот“ од Кавадарци, Роберто Паризов и прашува дал општинските власти ќе дозволат нова еколошка катастрофа во Кавадарци.
Реакцијата на екологистите следи по најавите од кавадаречки инвеститор дека е сериозно заинтересиран да инвестира во линии за проширување на асортиманот, но и производство на нови производи.
„Кавадарци и досега беше на врвот по загадување во државата. Не ни треба дополнителна загадувачка индустрија“ нагласува Паризов.
И од еколошкото друштво „Тисовец“ од Возарци се против плановите за изградба на цинкара.
Претседателот на душтвото, Сашко Данов нагласува дека ваквата нивна реакција доаѓа, откако во еден дневен весник излегла комерцијална информација од кавадаречка компанија, за поднесено известување за намера за изведување на проект, за нови линии за проширување на асортиман и нови производи, за потребите на кавадаречка компанија.
„ Тиквешијата како вински бисер, лозарски рај и земјоделско царство, доколку се изгради цинкара, се соочува со еколошка пропаст што ќе ги уништи сите лозарски, овоштарски и земјоделски производи. Сметаме дека и покрај тоа што кавадарчани и Советот на општина Кавадарци не дозволуваат такво нешто, инвеститорот се обидува да го протне својот проект преку мала врата. Ние како еколошко друштво во соработка со други невладини организации, заедно со бизнис секторот и винарии, ќе застанеме против овој предлог, се со цел да го заштитиме нашиот вински и земјоделски крај“ вели преседателот на „Тисовец“, Сашко Данов./А.Д