Кавадаречките пожарникари добија современа опрема
Современа опрема за делување во пожари добија пожарникарите од кавадаречката против пожарна единица. Сите 26 пожарникари сега се со униформа која ги штити од високи температури и оган. Вредноста на опремата е околу 20 илјади евра, а е донација од компанијата „Дрекслмаер“.
„Драго ни е што имавме можност да ја донираме оваа опрема за пожарникарите. Исто така сакам да изразам благодарност за досегашната соработка што Дрекслмаер ја имаше со противпожарната единица и за сите вежби што се реализирани. Се надевам дека нема да има потреба од чести интервенции. Драго ни е што пожарникарите се опремени со сертифицирана, сигурна опрема во извршувањето на своите задачи“ рече Лукас Мурингер, директор на „Дрекслмаер“.
Благодарност за донацијата на денешното примопредавање искажа градоначалникот Митко Јанчев и информира дека сега кавадаречката против пожарна единица е комплетирана.
„Во последните 40 години ова е за прв пат да имаме комплетна противпожарна заштита со целокупен број на вработени и опрема. Оваа опрема е во вредност од 20 илјади евра и е многу значајна за животот на пожарникарите“ рече Јанчев и нагласи дека во моментов се реализираат градежни активности за реконструкција на зградата на кавадаречката против пожарна единица, а се градат и нови гаражи за возилата.
„Сега сме комплетни со униформа која ги штити пожарникарите од високи температури и оган. Ќе продолжиме со помош од градоначалникот и општината и понатаму да ја осовременуваме кавадаречката противпожарна единица“ рече командирот на ТПЕ Кавадарци, Александар Чадамов./А.Д