Ревизија на „Стефанс вајнери“ бараат лозарите
Лозарите бараат да се изврши ревизија врз работењето на „Стефанс вајнери“, визбата која им должи околу 850 илјади евра за грозјето кои го дале во винаријата во 2015 година.
„Ние знаевме каде е тоа вино и како е продадено. Требаше нас да ни исплатат од тоа вино. Грозјето фактички е украдено од нас, а виното мистериозно исчезна. До крај ќе си ги бараме парите. До еден денар мора да ни се исплати. Лозарите неможе да останат и без пари, без грозје и без вино“ вели Трајче Кулев претседател на здружението „Напредни лозари“.
Како што мистериозно на Божиќ го снемало виното, односно било префрлено во друга македонска винарија, па продадено, лозарите биле информирани дека мистериозно ги снемало и флашарата и цистерните иако биле под хипотека.
Од Државниот инспекторат за земјоделство, пак, дознаваме дека сумата која „Стефанс вајнери“ ја должи кон производителите на грозје е околу 649 илјади евра, додека винарската визба “Повардарие” од Неготино, според нивни податоци должи уште околу 780 илјади евра за откупено грозје во 2014 и 2015 година.
„Исплатени беа околу 5.2 милиона евра и расчистени беа обврските за реколтата од 2016 година. Следните две години оваа винарница не откупуваше грозје, објаснуваат од инспекторатот./А.Д