Една година од проектот „Мој општинар“ во Кавадарци
Пред една година, по превземањето на градоначалничката функција, градоначалникот Митко Јанчев го стави во функција проектот „Мој општинар“. Станува збор за поблиска комуникација на граѓаните со локалната самоуправа во решавањето на нивните проблеми.
Градоначалникот на денешната прес конференција нагласи дека е задоволен од работењето на службениците на терен и се осврна на досега сработеното.
„ На наше задоволство постигнатите резултати ги надминаа и нашите очекувања а тоа покажува дека целосно е оправдана функцијата на овој проект. Општина Кавадарци прва имплементира проект од ваков тип. 8 општинари, носители на проектот, секојдневно се во функција на граѓаните.
Преку секојдневното излегување на терен и утврдување на фактичката состојба, општинарите заедно со приватни фирми донатори ги исчистија речиси сите диви депонии во општината, а акцијата За убаво и чисто Кавадарци континуирано се реализира“ рече градоначалникот Јанчев.
Тој информира дека преку Мој општинар се изврши хортикултурно озеленување од над 30 000 метри квадратни. Речиси сите тротоари сега се во целосна функција на пешаците со тоа што се поставија метални столбчиња.
„ Веќе една година жителите на Општина Кавадарци контактираат со општинарот за даден реон и на тој начин се поблиску до општината односно брзо пренесување на проблемот.Општинарите, проблемите ги доставуваат до службите или институциите и истите се решаваат со постојано надгледување од општинарите за времето и рокот во кој е решен проблемот. Овој круг функционира преку нов софтвер преку кој се следат сите пријави како и крајниот резултат“ рече градоначалникот и додаде дека резултатот од имплементацијата на еден ваков проект е и повеќе од очигледен. /А.Д