Државата ќе ги исплати лозарите за долгот на визбите
Со аплауз ја поздравија лозарите веста дека државата ќе им го исплати долгот што визбите го имаат кон нив . Денеска тие беа информирани и дека до Свети Трифун ќе ги добијат субвенциите по хектар површина, а до крај на феврури и денарот за килограм предадено грозје во домашни винарии.
По една година макотрпни преговори сепак на крај лозарите ќе ги добијат своите пари. Во центарот на лозарството, во Кавадарци денеска беше министерот за земјоделство, Љупчо Николовски. Најпрво имаа средба во кабинетот на градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев и пратениците и останатите градоначлници од регионот.
„Денеска заокружуваме еден процес во кој што бевме сите вклучени. После сите разговри и анализи, сите заеднички донесовме одлука дека целокупното предадено, а не платено грозје државата согласно законот за земјоделство и рурален развој и итните измени кои пратениците од Тиквешијата ќе ги поднесат во понеделник измените на законот за вино ќе се овозможи правниот основ да државата ги превземе овие обврски. Би рекол дека тоа ќе бидат до 2 милиони евра за сите кои грозјето го предале во регистрирани визби“ рече Николовски.
Тој нагласи дека долгот на Повардарие лани беше 3,5 милиони евра, но се намалуваше и сега е помалку од еден милион. Оваа визба купувала грозје и кога не смеела тоа да го прави. Стефани винарија должи околу 600 илјади евра.
Николовски рече дека во изминатава година се правеле притисоци да се плати грозјето, бидејќи не е можно да се купи грозје а да не се плати, а виното да се извезува или става под хипотека.
„Институциите постојат за граѓаните. И оваа е дел од политиката за враќање на парите кон граѓаните. Државниот инспекторат ќе ги направи сите потребни анализи за да се утврди долгот. Во понеделник ќе се направи итна измена на законот за земјоделство, а во четврток на посебна владина седница ќе се донесе одлуката во следниот период, во најкус период лозарите да ги добијат парите“ нагласи Николовски и посочи дека ова е решение кое доаѓа од граѓаните и се заблагодари на сите кои во изминатава година активно го барале вистинското решение за овие лозари.
Министерот ги информира лозарите и дека до Свети Трифун ќе ги добијат субвенциите за хектар површина, а до крај на февруари и ветениот еден денар по килограм грозје предадено во домашни винарии.
„Успеавме заедно да изнајдеме решение да се исплатат сите лозари кои имаат побарување по основ на заостанати побарување. Ова е една голема одлука од владата на Република Македонија. Станува збор за сума од над 1,5 милиони евра“ рече градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев и апелираше во следниот период да не се повтори ваков случај.
Решение ќе има и за каматите и судските трошоци кои ги имаа лозарите при судските процеси, информира пратеникот Панчо Минов, кој исто така беше вклучен во преговорите.
-По однос на каматите и судските трошоци, побарувањата на лозарите остануваат пред винариите. Тој проблем нема да биде запоставен и нетретиран. Има решение и за тоа. Има решение и во делот на договорите во кои дваесет проценти мораа да го земаат во пестициди. И тоа го презема државата и тоа се третира како долг. Голема работа се постигна благодарение на соработката помеѓу повеќе субјекти. Во буџетот за 2019 година има предвидено средства за оваа работа, нагласи Минов.
Благодарност за ваквата одлука јавно искажа и претседателот на здружението на лозари Трајче Кулев.