Eлектронски знаци во Кавадарци ги предупредуваат возачите за брзината
Насмевка за возачите кои ја почитуваат дозволената брзина на движење со своите возила и налутено смајли за оние кои возат со поголема брзина. Ова го покажуваат десетте сообраќајни знаци што деновиве се поставени на неколку локации низ кавадаречките улици. Целта е да се делува врз свеста на возачите дека со прилагодена брзина придонесуваат за поголема безбедност во сообраќајот.
Градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев вели дека со ова решение се модернизира сообраќајната инфраструктура во градот.
„Ова ќе значи подобрување на сообраќајните режим, култура и безбедност. Сообраќајните знаци ги опоменуваат возачите и зависно од тоа дали ја почитуваат препорачаната брзина на движење или не, им покажуваат насмевка или намрштена фаца. Општина Кавадарци сака да има организиран систем во сообраќајот, со негова постојана онлајн контрола деноноќно“ рече Јанчев.
Од сообраќајната полиција нагласуваат дека на овој начин ќе се поттикне свеста кај возачите.
„Со помош на овие знаци ќе можеме да водиме статистичка евиденција за тоа во кој период од седмицата и во кое време од страна на возачите се прават прекршоци, па според таа статистика ќе се поставуваат сообраќајни патроли и радари, по што ќе следуваат и санкции за несовесните возачи. Сето тоа со цел зголемување на безбедноста во сообраќајот во општина Кавадарци и намалување на бројот на сообраќајни незгоди, рече командирот на сообраќајната полиција, Томе Илиевски.
Осум од знаците се донација од ротари клуб Кавадарци, а по еден донираа компанијата „Кожувчанка“ и „Вирлиос компани“.
Претседателот на Ротари клубот, Д-р Гојчо Николов вели дека се одлучиле да донираат модерни сообраќајни знаци со цел да се заштитат и најмладите учесници во сообраќајот.
Овие електронски сообраќајни знаци ги конструира Борис Вирлиос. Тој нагласува дека во нив покрај предупредувањето за брзината се наоѓаат и камери кои сеуште не се во функција.
Oд општина Кавадарци најавуваат дека до крајот на годината ќе биде реализиран проект за поголема безбедност како во сообраќајот, така и во останатите сегменти од животот на кавадарчани. Ќе се постават 85 безбедносни камери на сите влезови и излези од градот, но и на други локации во градот. Ќе биде отворен и мониторинг центар каде 24 часа ќе се следи состојбата во градот./A.Д