Провалено во штабот на ВМРО-ДПМНЕ во Кавадарци, украдена документација
Кавадаречкиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ денеска обвини дека ноќеска од нивните партиски простории била украдена документација. Вината ја фрлија на СДСМ, нагласувајќи дека тие биле уплашени бидејќи ќе загубеле на претседателските избори.
„Насилниците причиниле материјална штета и изнеле партиска документација. Тоа сосема јасно укажува на мотивите на сторителот, чија цел биле партиските информации. Заев, Пендаровски и Спасовски се прочитани од граѓаните. Ниту еден обид за заплашување не поминува. ВМРО-ДПМНЕ уредно го пријави случајот во МВР и екипи на полицијата извршија увид. Ова е трет вандалски чин врз имотот на партијата во градот за период од 7 месеци. За претходните два нема завршница, истото го очекуваме и за овој“ рече на прес конференција, претседателот на УМС на ВМРО-ДПМНЕ Кавадарци, Филип Тасев.
Тој порача дека одговорност ќе имало за сторителите кои биле храбрени од власта.
„ ВМРО-ДПМНЕ не се плаши! Напротив ќе продолжиме уште појако, ќе допреме до секој еден граѓанин, ќе му ги предочиме штетните политики на оваа Влада и ќе ја презентираме нашата визија за Република Македонија. 21 април и 5 ти мај се почетокот на крајот на оваа неуспешна приказна за Македонија. На чело со Гордана Силјановска Давкова како Претседател на Република Македонија ќе почне падот на СДСМ“ додаде Тасев.
На прес конференција, портпаролот на ОО на СДСМ Кавадарци, Вуко Мелов, го осуди упадот во просториите на ВМРО-ДПМНЕ и и побара полицијата да го расчисти случајот до крај.
„Ние како СДСМ од Кавадарци ги отфрламе сите обвинувања за наводна наша вмешаност во синоќешниот вандалски чин. За таа цел ги повикуваме надлежните институции да превземат итни мерки за расчистување на целиот овој случај, и сторителот соодветно да го казнат. Целокупен интерес на граѓаните е целиот овој случај, што е можно побрзо да биде расчистен, за да излезе на виделина манипулацијата и лагата која О.К ВМРО-ДПМНЕ од Кавадарци овде ја прави“ рече Мелов и нагласи дека кавадаречкиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ бил познат по лажни пријавувања за вмешаност на СДСМ во оштетувања на нивни партиски простории и во претходни изборни циклуси.
„Евидентата слаба поддршка која ВМРО-ДПМНЕ и нивниот претседателски кандидат ја има кај граѓаните на општина Кавадарци ги приморува на овакви очајни потези. Овие ефитини трикови повеќе не поминуваат“ порачаа од СДСМ.
Портпаролот на СВР Велес, Верољуб Додевски информира дека случајот е пријавен и полицијата работи на целосно расчистување./А.Д