Обука и вежба за гаснење шумски пожари во Кавадарци
Стотина вработени во Македонски шуми денеска беа дел од обуката и вежба „Витачево 2019“ кои се реализираа во Кавадарци. Најнапред во просториите на СОЗШУ „Ѓорче Петров“ се одржа теоретскиот дел од обуката каде претставници од Дирекцијата за заштита и спасување ги обучуваа работниците како успешно да дејствуваат при шумски пожари.
Потоа обуката продолжи на висорамнината Витачево каде се демонстрираа новите пумпи и возила набавени од Македонски шуми за дејствување при шумски пожари и пожар на отворен простор.
Третиот дел од обуката беше изведување на практичен дел, гасење на пожар со контра пожар. Се дејствуваше со новите пумпи и возила, а пожарот се гасеше и со помош на два авиони на Дирекцијата за заштита и спасување.
„Покрај редовните активности кои ги имаме во делот на производство и заштита и борба против бесправните сечи, ние како национални шуми имаме обврска да се бориме и против пожарите кои настануваат во шумите. Редовните вежби кои ги правиме се недоволни, па затоа во соработка со дирекцијата за заштита и спасување направивме заедничка обука на нашите гасначи на пожари. Обуката беше во два дела, теоретски и практичен. Се надеваме дека нашите тимови ќе бидат по експедитивни при гасење на пожар“. рече во изјава за Канал 77 , директорот на ЈП Македонски шуми, Зоран Ѓорѓиев.
Тој информира дека се набавени и четири нови возила за таа намена и тие беа вклучени во денешната обука.
„Дирекцијата за заштита и спасување во континуитет преку цела година врши вакви обуки. Еве денеска имаме една посериозна обука со припадниците на национални шуми и мислам дека ќе продолжиме во оваа насока“ изјави Аднан Џаферовски, директор на Дирекцијата за заштита и спасување.
Вежбата ја следеа претставници на АРМ, полицијата, против пожарната единица и екипа на итната медицинска помош од Кавадарци./A.Д