Тиквешки гроздобер 2019 – нова приказна под отворено небо
Манифестацијата во чест на грозјето и виното, Тиквешки гроздобер во Кавадарци започна. Бројни настани се на програмата за годинашната приказна под отворено небо.
Официјално гроздоберот започна со ретроспективна изложба на фотографии насловена „Тиквешки гроздобер“ 1965-1981. Изложбата ја отвори градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев, со што и официјално го означи стартот на гроздоберот.
Автор на поставката на оваа изложба е Јадран Манчев. На истата се изложени 60 црно бели фотографии кои ги отсликуваат гроздоберските празнувања во Кавадарци низ годините на неговиот зенит.
Фотографиите се авторско дело на познатиот кавадаречки новинар и фото документарист Бранко Ивановски кој со објективот на неговиот фото апарат ги забележал значајните настани од историјата на Тиквечкиот гроздобер.
Главната сцена на годинашниот „Тиквешки гроздобер“ синоќа беше резервирана за музички Тони Зен-Ди Џеј со неговоит сет, дуото „2 БОНА„ и „ТРАП СТЕЈШН“ .
Во „Паркот на револуцијата“ за гостите на Кавадарци кои преферираат добра староградска музика и скара натопена со вино и други пијалоци, настап имаа Марјан Коцев, Трио Мањифико и Галакси бенд.
Денеска претпладне на споменикот на револуцијата на градскиот плоштад повеќе делегации предводени од градоначалникот Митко Јанчев положија свежо цвеќе, по повод 75 години од ослободувањето на Кавадарци. Вечерва советот ќе одржи свечена седница на која ќе бидат доделени и седмо септемвриските награди и признанија.
Во центарот на Кавадарци претпладнево беше отворена изложбата на олд тајмери која привлече бројни посетители, а се одржа и натпревар во табла.
Вечерва на градскиот плоштад е настапот на Јелена Розга, а утревечер гроздоберот ќе финишира со концерт на Здравко Чолиќ.
А.Д