Социјално загрозени семејства од Кавадарци добија прехранбени пакети
На денот за борба против сиромаштијата стотина семејства од Кавадарци добија пакети со храна од Банката за храна. Веќе подолг период оваа организација заедно со општината, градоначалникот и бизнис секторот води грижа за луѓето кои не можат да си обезбедат ниту еден оброк во текот на денот.
Кавадаречката банка за храна е меѓу лидерите во земјава, вели Роберто Паризов од невладината „Еко живот“ што несебично волонтира.
„Стварно сме значаен пример во Македонија и сме меѓу лидерите. Пример сме како треба да изгледа банкарството со храна и посебно грижата за справување со вишокот храна и донирање на таа храна на оние на кои им е најпотребна. Тука сме 365 дена во годината да обезбедиме што повеќе храна за нив, заедно со општинските институции и со бизнис секторот. “ вели Паризов.
Тој нагласува дека интересот за донирање кај компаниите бил се поголем, а се повеќе се зголемувала хуманоста и интересот за донирање кај граѓаните од Кавадарци.
Градоначалникот Митко Јанчев денешниот работен ден го започна од просториите на банката за храна.
“Сиромаштијата постои меѓу нас во општеството и граѓаните и мора да се трудиме да ја тргниме, но во целост тоа е не возможно. Заедно со „Еко живот“ и Банката за храна, ние како општина, бизнис секторот и сите институции помагаме со основните прехранбени продукти за најсиромашните“ вели Јанчев./А.Д