„За многу години Свети Трифун, повеќе род на лозјата и повеќе вино и ракија во бочвите“, си честитаа меѓусебно кавадаречките лозари
„За многу години Свети Трифун, повеќе род на лозјата и повеќе вино и ракија во бочвите“, меѓусебно си го честитаа денеска кавадаречките лозари, празникот на заштитникот. Со нив на плоштадот во центарот на градот беа и политичарите, странските дипломати, бизнисмените и граѓаните.
Домаќин на премиерот Оливер Спасовски, министерот за земјоделство Трајан Димковски, директорот на Агенцијата за финансиска поддршка Николче Бабовски и амбасадорите на повеќе држави беше градоначалникот Митко Јанчев.
Премиерот Спасовски во изјавата за медиумите нагласи дека и во наредниот период ќе продолжи поддршката кон производителите на грозје.
„Заедно се радуваме на почетокот на новата лозарска година. Заедно го славиме нашето македонско вино, нашиот бренд, по кој сме почитувани во светот. За да ги направиме нашите вина и винската индустрија уште по конкурентни во светски рамки преземавме обврска и да вложуваме во лозарството. Нашата долгорочна цел е сигурно производство и откуп на грозјето. Цената ќе ја формира пазарот, но владата ќе создава услови и амбиент за стопанисување. Решивме долгогодишен и наследен проблем што го имаа лозарите. Оваа влада го исплати долгото што Повардарие и Стефани и другите го имаа кон лозарите за производството за 2014 и 2016 година. Вкупно исплативме 100,5 милиони денари и исправивме една голема неправда што им беше нанесена на лозарите од овој регион“ вели Спасовски и посочи дека годинава кон лозарството како извозно ориентирана гранка ќе се исплаќаат 20% повисоки субвенции.
Градоначалникот Митко Јанчев упати честитка по повод празникот до сите лозари.
– Ова е убав ден за Тиквешијата, ова е убав ден за нас кавадарчани. Во Кавадарци речиси да нема семејство кое не одгледува винова лоза. Ова макотрпна работа е дел од нашата култура и нашето секојдневие. Кавадарчани секогаш ги пречекуваат своите гости со широка насмевка, чашка жолта ракија и чаша вино, порача Јанчев.
Гостите на денешната манифестација во Кавадарци ги посетија и штандовите на винариите кои беа поставени на плоштадот. Тој доби лик на голема винарија во која се дегустираа вина, ракии, вињак и производите од грозје./А.Д