Нова фасада и покрив за СОЗШУ „Ѓорче Петров“ Кавадарци од Норвешката амбасада
СОЗШУ „Ѓорче Петров“ Кавадарци ја подобри енергетската ефикасност со грант од 80 илјади евра, доделен од Кралството Норвешка. Со извршените градежни работи на фасада и покривот значително се подобри енергетската ефикасност на учичиштето изградено во 1956 година, а 250 ученици добија подобри услови за настава.
На училишната зграда инсталирани се 1200 м2 термо-изолациона фасада и се изврши промена на 1500 м2 азбестен кров. Градежните работи се изведуваа во изминативе четири месеци.
Денес училиштето го посетија амбасадорот Јерн Јелста и градоначалникот Митко Јанчев и направија увид во завршените градежни работи кои се реализираа во изминативе четири месеци.
„Со ова овозможивме, едно од најстарите училишта од средна стручна спрема да има добри услови. Самите ученици да имаат подобра животна средина. Претходно кровот беше азбестен сега е со материјали кои се безбедни. Фасадата е енергетски ефикасна и постигнавме околу 40% заштеда на енергија. Со тоа овозможуваме добра иднина за ова училиште, за кое во изминативе две години имаме зголемен интерес од учениците“ истакна градоначалникот Митко Јанчев кој искажа благодарност на норвешкиот амбасадор за дадената поддршка.
Благодарение на новата енергетски-ефикасна фасада училиштето веќе заштедува и до 40 отсто енергија за затоплување.
„Драго ми е што норвешкиот проект е насочен во енергетска ефикасност и заштита на животната средина и што во ова училиште ќе има зголемен број на ученици. Има една заедница која е многу жива и имаме услови кои се добри како за учениците така и за наставниците да можат да ги развиваат своите вештини“ рече норвешкиот амбасадор Јерн Јелста./А.Д