Вработени во ОЈО Кавадарци и полициска станица ставени во самоизолација
8.04.2020
Во самоизолација се осуммина вработени во Основното јавно обвинителство Кавадарци, пет полицајци од полициската станица и еден доктор. Eден обвинител и неколкумина од полицајците биле на увид во изнајмениот дел од куќата во Кавадарци, каде почина албанскиот државјанин. Неговиот леш беше откриен во недела на 6 април, во изнајмен дел од куќа во Кавадарци.
Поради присуството на увидот по службена должност на јавен обвинител, мерки на самоизолација се препорачани на сите вработени во Основното јавно обвинителство во Кавадарци, , потврдуваат за „Дума.мк“ од обвинителството. Тоа до понеделник нема да работи. Првичните информации се дека ниеден од овие службени лица нема симптоми на Ковид -19, но поради безбедност, мора да останат во самоизолација, додека се чекаат резултатите од направените тестирања.
Целосна дезинфекција била направена на службените простории во обвинителството и во полициската станица.
„Позитивен на „Ковид 19“ е албанскиот државјанин кој беше пронајден мртов во Кавадарци“, потврдуваат од Центарот за јавно здравје Кавадараци. До нив стигнале резултатите од позитивниот тест на албанскиот државјанин по земениот брис додека лешот бил на обдукција во Судска медицина.
Ова лице било на возраст од 44 години, а работело во Кавадарци и во Штип.Членови на неговото семејство се стигнати од Албанија во Кавадарци и чекаат да се средат документите како би можеле безбедно да го транспортираат до неговото родно место и да го погребат. Сега лешот се наоѓа во капелата на градските гробишта во Кавадарци.
Исто така, надлежните, ги бараат лицата кои биле во контакт со починатиот албански државјанин. Била извршена и дезинфекција на куќата во која живееше под наем и беше откриено починатото лице инаку странски државјанин./А.Д