„Го сакам Кавадарци“ книга за секој кавадарчанец што од денеска ќе наполни 18 години
Секој млад кавадарчанец, кој од денеска ќе наполни 18 години од општината ќе добие книга насловена „Го сакам Кавадарци“ во која се содржани минатото и иднините планови на општината, како и скромни подароци.
Денеска за овој проект информираше градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, кој нагласи дека целата е младите да се запознаат со својот град, но и да останат во него.
„Општина Кавадарци денеска за прв пат имплементира еден нов проект. Ќе им ги честитаме родендените на сите наши жители кои наполнуваат 18 години. Општината ќе гио посети како полнолетни. Ќе им подариме една едукативна книга за минатото и развојот на Кавадарци. Целта е да ги мотивираме тие луѓе и ќе очекуваме нивно вклучување во општествениот живот“ рече Јанчев.
Советникот за односи со јавноста во општина Кавадарци, Димитар Мурџев, кој е и дел од уредничкиот тим на книгата рече дека на овој начин младите ќе добијат многу повеќе факти за својот град.
„Идејата и инспирацијата е од градоначалникот и неговиот проект. Самата книга е една публикација на 110 страни во колор издание со тврд повез. На еден поинаков пристап се обидуваме ние како општина и кабинетот и градоначалникот да го презентираме Кавадарци за оние кои сега стапнуваат во полнолетството, а немаат податоци од минатото и од историјата и за идејата како ќе се развива Кавадарци во наредниот период“ рече Мурџев.
Во издавањето на книгата „Го сакам Кавадарци“ учествуваа урендичкиот тим составен од Димитар Мурџев, Сузана Андоноски, Сања Крстиќ, Гордана Белевска-Мустафа. Користена е литература од историчарот Петре Камчевски, а фотографии од архивата на покојниот Бранко Ивановски, Петре Камчевски, Тони Коцев, Ристе Самарџиев, Димитар Мурџев, Ѓорѓи Голчев и фотографии сликани со дрон од Александар Ѓорѓиев./A.Д