Во Кавадарци отворен регионален вински музеј
7.09.2020
Во градскиот парк во Кавадарци од денеска и официјално започна со работа регионален вински музеј.
Проектот,,Унапредување и промоција на вински туризам во Вардарскиот плански регион преку инфраструктурно уредување на регионален вински центар-Винска куќа во општина Кавадарци”, се реализираше во партнерство со Центарот за развој на Вардарскиот плански регион и општина Кавадарци во периодот 2019-2020 година.
„Винарството и лозарството се главна стопанска дејност. Од антика до денеска единствена преокупација на сите граѓани во овој регион е виното и лозарството. Самата поставка, односно во изложбен простор кој што е околу 100 м2 можете да се запознаете со неколку предмети кои успеавме да ги собереме и да ги поставиме да бидат едно сведоштво за културниот развој на Кавадарци. Овој вински музеј ќе претставува промоција на винскиот туризам. На секој добронамерник би сакал да му биде ова задолжителна дестинација“ рече Весела Честоева в.д директор на новиот музеј.
Градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев честитајќи го денот на ослободувањето на Кавадарци го прогласи музејот за официјално отворен за посетителите.
„ Оваа прекрасна локација во градскиот парк, после толку време ќе добие една културна вредност, нашите потомци ќе ја негуваат и ќе учат во делот на лозарството и винарството. Кавадарци како општина, заедно со сите чинители на општината, никогаш нема да го заборават лозарството и нема да дозволат да падне тоа на ниско ниво, знаете дека во минатите години се случуваше лозари да бидат злоупотребувани од одделни винарски визби. Историјата на Кавадарци е винарството. Овој музеј токму и тоа ќе го покажува. Како почнало тоа лозарство, како почнало винарството, кој почнал и каде сме денеска. Така да, од денеска да бидеме горди и да имаме повод за да развиваме поголемо ниво и поголема култура на виното.“ рече Јанчев.
Проектот се реализираше согласно Програмата за рамномерен регионален развој на Бирото за регионален развој за 2019 година со вкупна сума од 7 549 640 денари со вклучен ддв, а општината учествуваше со сопствени средства во висина од 3 096 460 денари.
„Со реализацијата на овој регионален проект ќе добиеме заеднички вински центар, каде што сите производители од регионот ќе можат да ги промовираат своите производи на едно место, а со тоа да обезбедиме една поголема промоција на нашиот вински регион со што ќе го подобриме локалниот економски развој “ велат од општина Кавадарци./А.Д