Лозарите соочени со проблеми во пласманот на грозјето – интервенираше градоначалникот
26.09.2020
Maките на лозарите по се изгледа немаат крај. Секоја година иста приказна која се повторува и оваа година. Ако има квалитетно грозје, визбите сакаат да го купат речиси за без пари, ако пак квалитетот на родот потфрли како оваа година, ист проблем, никој не сака да го купи, ниту пак да го плати.
Годинава родот кој е оштетен поради временксите неприлики се откупува од две винарии за преработка во дестилат или концентрат за гроздов сок. Визбите плаќаат од 2 до 3 денари за килограм, а државата за ова грозје дава 8 денари.
Во текот на вчерашниот ден тензично беше на откупните пунктови каде се предава грозје кое ќе се преработува во дестилат. На еден откупен пункт во селото Возарци, петнаесетина трактори по два дена чекање ред биле вратени поради слабата шеќерност на грозјето. Тие потоа заминале да го предадат грозјето во винарија во Кавадарци, каде се створила гужва поради тоа што, таму чекале лозари, клиенти на визбата, а овие не биле евидентирани во список за прием на грозје.
Дел од лозарите кажуваат дека во текот на вчерашниот дел се правеле обиди од една политичка партија да започнат протести и грозјето да го истурат пред општината. Но тие велат, дека со протести сега, не се решава проблемот.
За да не остане грозјето не откупено и да се надминат проблемите, доцна синоќа интервенираше и градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев. Тој остана до утринските часови на пунктот и го следеше процесот на предавање на грозјето.
Во разговор со сопственикот на винаријата ни беше потврдено дека ќе се откупи целото грозје кое синоќа беше донесено во визбата, иако е со значително лош квалитет, со дакеку пониска шеќерност од 18%.
Од визбата им се исплаќаат на лозарите по 3 денари, а од државата ќе добијат 8 денари како поддршка, поради лошиот квалитет на грозјето. Што значи лозарите за ова грозје добиваат вкупно 11 денари за килограм.
Имаше лозари кои покажаа откупни белешки на кои е впишана цена од по 2 денари. Овие производители добија ветување дека ќе се направи корекција на белешките, но и дека не треба да ги забораваат 8 те денари што ќе ги добијат од државата, бидејќи многу од нив се изманипулирани дека грозјето им се откупува за само 2 или 3 денари.
„Правиме напори да се откупи целиот род на грозје, па и тоа со полош квалитет. Благодарни сме на државата што издвои годинава најголема поддршка за лозарството. Постојано сме присутни на пунктовите со цел да ги решаваме проблемите кои се појавуваат“ изјави Трајче Кулев, претседател на здружението „Напредни лозари“.
Вчера лозарите брзаа да го приберат родот, бидејќи за викендот метеоролозите најавуваат обилни врнежи од дожд, а тоа дополнително ќе го наруши и така лошиот квалитет на грозјето./А.Д