Нема термини за ковид тестови во Кавадарци
Од петокот е исполнет терминот за нови тестирања во Центарот за јавно здравје во Кавадарци за цела недела – алармираат матични лекари и велат дека се повеќе пациенти со симптоми на вирусот не можат да бидат тестирани.
„ Во петокот за триесетина минути се исполнија термините за цела недела за тестирање. Никој не сака да се тестира на приватно. Исто така загрижува и фактот дека многу од овие пациенти кои имаат симптоми, а не се тестирани, слободно се шетаат и дополнително го шират вирусот. Се почесто се прикриваат контактите кои ги имале веќе дијагностицираните позитивни, а со тоа се остава можност вирусот да се шири што повеќе“ објаснуваат лекарите.
Од центарот за јавно здравје појаснуваат дека дневно се земале по 30 бриса, но голем е бројот на граѓани кои чекаат термин за тестирање.
Денеска во Тиквешијата позитивни се 5 лица. Од нив 4 се од Кавадарци, еден е од Неготино.
„Станува збор за тројца мажи и една жена на возраст од 35 до 59 години. Сите имаат симптоми на вирусот. Само еден бил во контакт со позитивен, а останатите не знаат како се заразиле“ информира епидемиолог д-р Ристе Јовановски. /А.Д