Општина Кавадарци доби грант за подобрување на социјалните услуги
23.11.2020
Министерството за труд и социјална политика, Општина Кавадарци и Црвен Крст Кавадарци се партнери во проект: „Подобрување на социјалните услуги во општина Кавадарци“ во висина од 10. 889. 000,00 денари.
Со финансиска помош на министерството, партнерски, Црвен Крст и Oпштина Кавадарци, ќе обезбедуваат услуги во две категории за најмногу 100 стари лица кои не можат да се грижат за себе.
Со проектот, во првата категорија, ќе бидат опфатени услугите што обезбедуваат помош во вршење на основни потреби од лична хигиена, облекување, мобилност во домот, хранење, користење тоалет, менување на пелени и слично. Во втората категорија за лицата што не можат сами да се грижат за себе ќе им се нуди поддршка при чистење, посредување за поправки, перење, готвење, купување продукти, надворешна мобилност, земање медицинска терапија и слично.
Преку негуватели услугите ќе бидат во времетраење до 80 часа месечно и за 12 месеци. Целта е да продолжат да живеат во сопствениот дом и да водат независен живот во заедницата.
Трошоци за воспоставување на социјална услуга се во висина до 1.673.000, 00 денари додека вкупните трошоци за давање на услуга во висина до 9.216.000 денари.
Ангел Данов