Новогодишна бајка во дворот на Дедо Мраз во Кавадарци
28.12.2020
Во Кавадарци започна новогодишната бајка. Куќата на веселиот дедо, кој ги усреќува најмладите по 22 пат е веќе во новогодишна облека. Се е во знакот на претстојните празници. Ковид пандемијата годинава нема да им ја одземе радоста на децата. Семејството Вареловски ја продолжува традицијата. Својот дом го украси, а вратите ги отвори за дечињата. Секој ден од 17 до 20 часот, најмладите со своите родители можат да ја почувствуваат новогодишната магија која царува во дворот на Дедо Мраз. Но и овде, мора да се почитуваат препораките за задолжително несење заштитна маска и одржување на растојание.
Околу 800 дечиња од Кавадарци и Тиквешијата ја почувствуваа новогодишната магија во дворот на Дедо Мраз во Кавадарци. Семејството Вареловски и годинава направија новогодишна
бајка во сопствениот двор украсувајќи го со илјадници новогодишни светилки и украси.
„Радоста за нас е голема. Секоја нова година сме среќни што можеме да ги израдуваме најмладите и да се дружиме со нив. Целото семејство е вклучено во оваа новогодишна бајка“ вели Ѓорѓи Вареловски кој во изминатите 22 години е кавадаречкиот Дедо Мраз, а неговиот двор место за радост и уживање на најмладите.
И годинава Дедо Мраз им дели новогодишни пакетчиња, но за разлика од претходните години сега симболично се наплаќа новогодишното пакетче.
„Од собраните средства ќе донираме за најзагрозените. Ќе го посетам мал групен дом во Кавадарци и ќе донирам за дечињата кои се сместени таму, а новогодишни пакетчиња ќе доделам и за дечињата на детско одделение во кавадаречката болница. Исто така дополнително прехрнбени пакети ќе донирам и за неколку социјално загрозени семејства“ ни изјави Вареловски.
Сите кои сакаат да го посетат дворот на Дедо Мраз во Кавадарци можат тоа да го направат од 17 до 20 часот секој ден се до крај на јануари.
Aнгел Данов