Започна поставувањето на модуларна болница во Кавадарци
27.01.2021
Денес започна поставувањето на најавената модуларна болница, која ќе се наоѓа во кругот на ЈЗУ Општа Болница со проширена дејност – Кавадарци. Истата е дел од предвидените 17 модуларни болници кои веќе се поставуваат ширум државата, а во кои ќе се лекуваат заразените со Ковид – 19.
Во оваа монтажна болница е предвидено третирање на пациентите заразени со Ковид – 19, кои се од Тиквешкиот регион. Претходно, овие пациенти се лекуваа на инфективното, интерното и детското одделение на кавадаречката болница.
Овде ќе бидат сместени инфективна амбуланта, тријажен центар, лабораторија, рентген дијагностика и болнички дел со капацитет од 35 болнички кревети.
Во согласност со најновите стандарди, во модуларната болница, ќе биде инсталиран централен довод на кислород до секој пациент. Со тоа ќе се овозможат соодветни услови за преглед, тријажа и прием на нови Ковид – 19 позитивни пациенти од Тиквешкиот регион, информираат од ЈЗУ Општа Болница со проширена дејност – Кавадарци.
Мите Јаначков