Започна изградбата на спортска сала во ООУ „Страшо Пинџур“ Кавадарци
Учениците од ООУ „Страшо Пинџур“ наскоро наставата по физичко воспитување ќе ја изведуваат во спортска сала, чија изградба е започната.
Денеска увид во градежните работи извршија министрката за образование и наука, Мила Царовска, градоначалникот Митко Јанчев и директорката на училиштето, Илинка Бакева.
„Инвестирањето во капиталните објекти, а тоа се инфраструктурата – училиштата и придружните објекти, како што се спортските сали е навистина значајно за да може да обезбедиме секој ученик, да може да го развива своето физичко воспитание и здравје. Како влада навистина покажуваме дека инвестициите во раниот развој на децата, како во предучилишното, така и во основното образование и во средното образование, се многу значајни. Ова е предуслов да имаме здрави граѓани, граѓани кои се подготвени да се борат со предизвиците кои стојат пред нив во животот, рече Царовска.
Градоначалникот на општина Кавадарци, Митко Јанчев истакна дека најстарото училиште во општината конечно ќе добие спортска сала.
„Конечно успеавме да најдеме средства со помош на МОН, нашите ученици да ги имаат сите услови за изведување на наставата“, рече Јанчев./A.Д