Три кривични за градоначалникот на Неготино, Ванчо Апостолов
Објавено на 19 септември, 2017 во 13:14
Поради злоупотреба на службената положба и овластување градоначалникот на Неготино Ванчо Апостолов заработи три кривични пријави.
Како што информираа од МВР, првата кривична пријава го товари Апостолов дека на 1 јуни 2014 година потпишал договор со локален веб портал застапуван од П.М. за рекламирање на општината и објавување на огласи, конкурси и информативни текстови за тековното работење на општината. Договорот бил склучен за период од три месеци. Потоа на 30 септември 2014 година бил потпишан и нов договор со истите услови, кој имал важност до крајот на 2014 година. Од буџетот на општината на порталот му биле исплатени 84.000 денари, без да биде спроведена тендерска постапка,односно градоначалникот постапил спротивно на законот за јавни набавки.
Со истиот веб-портал застапуван од лицето М.М од Неготино, со идентичен опис на потребните услуги градоначалникот склучил договори и во 2015, 2016 и 2017 година. Биле исплатени 396.000 денари од буџетот без тендерска постапка.
Втората кривична за градоначалникот на Неготино е бидејќи издејствувал од советот на општината на 15.12.2015 година да го ослободи од комуналии правното лице ДПТУ „Рудуна енергија“ ДОО од Кавадарци. Самиот градоначалник бил содружник-основач на компанијата. Фирмата била ослободена од надоместок за комуналии во висина од 1.765.000 денари. Градоначалникот ја оштетил оптинската каса за оваа сума.
Третата кривична пријава го терети Апостолов за донесено решение на 13.10.2015 година со кое Љ.Д, вработен како одделенски наставник во ООУ „Страшо Пинџур“ го поставил за в.д директор. Притоа пријавениот, спротивно на Законот за образованието, дури на 20 јули годинава донел решение за престанување на вршењето должност в.д. во посоченото училиште спротивно на прецизно нормираните рокови за извршување мандат на вршител на должност.
Со поднесувањето на кривични пријави, градоначалникот на Неготино, смета дека против него започнала политичка хајка.
– Ова е чиста политичка хајка, против мене и функционери на ВМРО ДПМНЕ бидејќи поднесени се три кривични пријави кои за многу правници и за граѓани изгледаат многу смешно. Мислам дека е време да се престане со хајката, рече Апостолов.
Градоначалникот се пожали и на притисок од полицијата која ја фотокопирала целокупната архива на општина Неготино и констатираше дека во хајката против него полициската станица се однесувала како содружник на СДСМ. / А.Д