Исра Амедова е првата жителка на Велес во 2016-та
Општина Велес од утрово има две нови жителки. Првата се вика Исра и се роди во 8 часот и 16 минути на гинеколошко – акушерското одделение во болницата. Таа е втора ќерка на дваесет и осум годишната Фетие Кадриева од селото Горно Јаболчиште. Три часа подоцна мајката Џеврија Амедова од село Горно Јаболчиште ја роди својата трета ќерка која е второ новороденче денеска во болницата.
„Мојата втора ќерка ќе се вика Исра. Јас така одлучив. Пред година ипол во болницава ја родив првата ќерка која се вика Амелија,“ рече мајката Фетие.
Неа и Исра, претпладнево, ги посети градоначалникот на Велес Славчо Чадиев. На Фетие и ја честита рожбата а на малата Исра и посака безгрижно детство. Притоа на среќната мајка и подари плик со паричен чек во вредност од 12 илјади денари а Исра доби плишано мече.
„Бидејќи се родија две девојчиња тоа значи дека годинава ќе биде многу по берикетна. Мојата посета на мајката и првото бебе е традиционална. Им посакав среќна нова година и на мајката и ги предадов паричната награда и детската играчка. Поразговарав со директорот на болницата и со персоналот на гинеколошко акушерското одделение. Им ја честитав Новата година. Особено ме радува информацијата за зголемениот број на новороденчиња лани во споредба со 2014 година, иако разликата е мала. Се надевам дека годинава бројот на новородени дечиња ќе ја надмине бројката деветстотини,“ рече градоначалникот Славчо Чадиев.
Според директорот на болницата, д-р Атанас Василев, втори јануари навестува дека годината во која Велес штотуку влезе ќе биде особено бериќетна.
„Во нашето породувалиште денеска го добивме првото бебе. Тоа е женско, долго е 51 сантиметар и тешко 3 килограми и 150 грама. Породувањето беше нормално. Неговата мајка е второротка. Потоа се случи и второто раѓање на уште едно женско бебе, кое е трето бебе во семејството, а тоа значи дека и двете новороденчиња ги пријавивме во министерството за здравство. Очекуваме берикетна година затоа што и двете бебиња што се родени денеска се женски, “ рече д-р Атанас Василев специјалист гинеколог и директор на велешката Општа болница.
Фетие Кадриева, денеска, доби подарок и од сопругата на градоначалникот Чадиев.
„Ова е трета година во која на мајката на првото родено бебе во градот и подарувам скромен подарок составен од колекција за нега на новороденчиња и книга Радосница. Ги упатувам моите искрени честитки за среќен и бериќетен живот на малечкото и секако на мајката и на семејството на кое им го честитам новороденчето и новата година,“ рече Весна Чадиева.
За време на фотографирањето на персоналот на гинеколошко – акушерското одделение со градоначалникот стигна и Мечаи, таткото на второто женско бебе родено денеска во велешката болница. Тој рече дека со сопругата Џеврија Амедова сеуште не одлучиле за името на нивната трета ќерка.
(Таткото Мечаи е од левата страна на фотографијата)
„Многу сум среќен што по трет пат станав татко. За името еве сега ќе се договориме со сопругата. Ние веќе сме родители на две ќерки, двегодишната Аисел и едногодишната Лутвие. јас сум татко кој не прави разлика помеѓу машко и женско дете. Ќерките повеќе водат грижа за родителите отколку синовите. Старите се во право, да знаете,“ рече Мечаи.
Тој заедно со шурата заминаа да ја посетат Џеврија и да го видат штотуку роденото бебе./У.Ј