На велешката болница и треба нов лифт, малиот е расипан
Малиот лифт во велешката болница веќе подолго време не работи. Сега сите, пациентите и граѓаните, го користат големиот лифт во петкатната болничка зграда кој вообичаено беше наменет за персоналот и за итните случаи во болницата. Но тој функционира само со чип па затоа вработените од централата постојано мораат да го отвораат за да можат граѓани и пациенти да стигнат до одделенијата. Директорот на болницата д-р Атанас Василев вели дека лифтот е стар дваесетина години и е дотрајан. Неколку пати досега бил поправан. Последен пат бил сменет и моторот но за кратко бидејќи бил максимално искористен повеќе не можел да се поправа.
Лифтот не работеше ни на вториот ден од Новата година, кога во болницата дојде градоначалникот Славчо Чадиев за да го посети првото новороденче во Велес. На прашањето дали општината ќе помогне да се надмине проблемот со лифтот иако не е надлежна , градоначалникот одговори дека ќе излезе во пресрет.
„Доколку има потреба општина Велес како стабилна општина ќе притекне во помош не само во сегментот на лифотот туку и за било што друго што ќе се побара од општината. Оваа година ќе биде проширен и патот до болницата. Улицата Самоборска наново ќе биде асфалтирана така да сообраќајот ќе се одвива многу полесно до ова значајно место во нашата општина“, рече Чадиев.
Откако во централниот болнички објект ги замениле сега приоритетно за болницата била замената на цевките кон нервното и одделението за физикална терапија, лабораторијата и одделот за трансфузиологија.
„Би го спомнал дотрајаниот цевководен систем кој е стар 50 години. Ние дел од него заменивме така да годинава ќе продолжиме етапно да ги заменуваме старите цевки за водовод и парно греење со нови кон овие одделенија“, рече Василев.
Инаку деновиве велешката болница е опремена со нова медицинска апаратура, донација од министерството за здравство. Лабораторијата за испитување на крв доби биохемиски анализатор кој ќе овозможи да се забрза постапката за за испитување на серум, урина, плазма. На одделението за ренгенологија веќе е инсталиран и нов дигитален мамограф./Д.С