Велешките социјалдемократи обвинуваат здравствени работници кои искористиле специјализација на велешка а се вработиле во други болници
Здравството е целосно партизирано и наместо да им помага на граѓаните создава дополнителен хаос. ВМРО ДПМНЕ не се грижи за интересите на граѓаните туку за тоа како да ги згрижи своите партиски кадри. Со вакво обвинување денеска излегоа од општинската организација на СДСМ во Велес. Според опозицијата, ќерката на главната сестра во велешката болница Мила Лазова била вработена во болницата 8-ми септември во Скопје, додека пак претседателот на советот на општина Велес д-р Александар Колев инаку специјализант на хирургија бил вработен во новоформираната Кардиохирургија во Скопје.
„Спорно е тоа што овие лекари беа упатени на специјализација од велешката болница и треба да им бидат на располагање на граѓаните на Велес. Како ќе го објасни раководството на болницата овој податок и дали згрижените лекари од ВМРО ДПМНЕ во скопските болници ја обештетија велешката болница?“, рече Иван Ивановски, О.О. на СДСМ Велес.
Опозицијата ја критикува партијата на власт и поради тоа што го наградува и го избира за доктор на месец декември докторот кој често бил отсутен на своите дежурства и чиј што „мој термин“ му го водел општ лекар. Истиот тој доктор според СДСМ, бил и на годишен одмор во месецот за кој бил награден.
„Очигледно ВМРО ДПМНЕ така ги наградува докторите кои снимале рекламни спотови за своите кандидати за градоначалници. Граѓаните ги очекуваат вистинските одговори“, рече Ивановски.
Од СДСМ велат дека токму граѓаните на изборите ќе се пресметаат за неодговорноста на Груевски и Тодоров, која што го загрозува здравјето на велешани./Д.С