Велешките Социјалдемократи бараат пратеникот Коџабашиев и ДИК да се изјаснат за шестмината фантомски избирачи што се водат на домашната адреса на пратеникот
Граѓаните на Велес очекуваат подрачната канцеларија на Државната изборна комисија да се изјасни во врска со фантомските гласачи кои според информациите на дел од медиумите, гласале од истата адреса на која живее пратеникот Ѓорѓи Коџабашиев. Вака денеска реагираше опозициската СДСМ во Велес. Според нивните сознанија шестмината гласачи се наоѓале на избирачкиот список, на последните предвремени парламентарни и претседателски избори во 2014 година. На списокот се воделе под истата адреса на живеење како и на пратеникот.
„Наместо да молчи самиот пратеник Ѓорѓи Коџабашиев треба да излезе пред јавноста и да одговори за овие сериозни обвинувања. Ако подрачната канцеларија на ДИК во Велес си ја работи работата, раководителот Костадин Бабунски треба да одговори дали овие индиции се вистинити и што ќе преземе. И дали во меѓувреме се пронајдени и други вакви случаи“, рече Весна Стојанова Богоевска портпаролка на велешките Социјалдемократи.
СДСМ велат дека граѓаните на Велес знаеле дека постојат фантомски гласачи што ги краделе изборите и дека само на тој начин ВМРО ДПМНЕ ги добивале изборите. /Д.С